Вардар со 1:0 го победи Башкими во меч од 19 коло на Прва фудбалска лига, а покрај погодокот на Цветковиќ кој го реши победникот, главен момент на средбата беше хаосот кој се случи во финишот.
Се играше 86 минута кога беше досуден фаул за Башкими. Многу од фудбалерите на двата тима беа во шеснаесетникот на Вардар, кога во еден момент во вербална расправија влегоа капитенот на Вардар, Азер Омерагиќ и дефанзивецот на Башкими, Реџеп Мурати.
Главниот судија Бенјамин Керими процени дека по оваа ситуација треба да го санкционира фудбалерот на Башкими, па Реџеп Мурати доби директен црвен картон.
Веднаш потоа зовреа страстите кај многумина од фудбалерите, но и кај оние кои беа на клупите на двата тима, па само за еден момент се случи хаос. На теренот втрчаа луѓе од клупите на двата тима и настана мешаница.
За среќа немаше поголем инцидент, а по неколкуминутно убедување, фудбалерите на Башкими се вратија на теренот и го доиграа натпреварот. На крајот, Вардар победи со 1:0 и се зацврсти на врвот од табелата.

