Арапските земји можеа да уживаат во домаќинството на двата најинтересни фудбалски настани кои се играа викендов и на кои се доделуваа пехари. Ние ТВ-гледачите од страна си фаќавме сеир, додуша на тие што се имаа обложено на победа на фаворитите не им беше толку забавно.
Ниту Ливерпул не го освои Светското клупско првенство во регуларните 90 минути, но сепак го крена трофејот, а Јувентус остана со празни раце во италијанскиот Суперкуп.
Насловот Црвена планета нема врска со Марс, туку асоцијацијата е дека тимот од „Енфилд“ во црвени дресови во моментов делуваат како вонземјани и тешко некој може да им застане на патот, особено не може да бидат победени од тимови од други континенти, колку и тие да даваат отпор и да сакаат да бидат подобри од европските клубови.
Јирген Клоп го најде рецептот за успех, со него Црвените се тим со победнички менталитет, веројатно ќе станат прваци на Премиер лигата по пауза од 30 години, а во Доха покажаа дека Фламенго иако има индивидуален квалитет, тоа е доволно само за во Јужна Америка, никако на светско ниво.
КРИСТИЈАНО РОНАЛДО Е АЛЕРГИЧЕН НА СРЕБРО, ПРИЗНАВА САМО ЗЛАТО
Ајде еднаш, ама двапати за две недели да загубиш од Лацио со истиот резултат од 1-3 е симптоматично. Јуве воопшто не е доминантен во Италија како до лани.
Кристијано Роналдо почнува да покажува знаци на нервоза и незадоволство, не е навикнат да губи финалиња. Имаше серија од дури 11 добиени финалиња во сите натпреварувања, човекот сака само злато, па среброто од Суперкупот веднаш го отфрли како да е алергичен.
Маурицио Сари ја има освоено Лигата на Европа со Челзи, но со италијански клуб нема освоено трофеј, и тоа како да му прави притисок. Серија А се чинеше како „сигурица“, но и таму изгледа ќе се води тесна трка со Интер, за разлика од претходните осум години, во кои Старата дама во овој период веќе имаше голема предност. Сари го загуби своето прво финале со Јуве, повторно не најде начин да го совлада Лацио, па римските орли се разлетаа по стадионот во Ријад.
ДИЈАМАНТОТ СО ЛЕКЦИЈА ДО РИНО, ГРЕШКА ЌЕ БИДЕ АКО СЕ ОТКАЖЕ ОД НЕГО
Кога сме кај италијанските екипи во светло сини дресови, не може да не спомнеме дека и Наполи конечно победи некого. Настрада Сасуоло, а голот во финишот беше по заслуга на Елмас, кој ќе беше запишан како стрелец ако не беше автогол. Но, најважно е дека пораката до тренерот Џенаро Гатузо е испратена. Рино мора да му верува на македонскиот Дијамант. Никако не смее да се откаже од некој што му донесе среќа. На никаква позајмица во Бешикташ не смее да се помисли. Тој Бешикташ е послаб и од ексклубот на Елмас, Фенербахче, тоа се виде вчера на истанбулското дерби.
Ако и по ова Гатузо не му верува на Елмас и не го користи, тогаш проблемот е кај новиот тренер на Наполи, а не кај фудбалерот.