Кошаркарите на МЗТ Скопје со пораз се вратија во АБА лигата по четиригодишна пауза. Металците во првото коло го имаа најтешкиот можен противник, актуелниот шампион Црвена звезда и во арената „Александар Николиќ“ загубија со 87-67.
Македонскиот шампион ги постигна првите поени на натпреварот преку Војдан Стојановски, но тоа беше единственото водство на „металците“ против Црвена звезда. Првата четвртина помина во знакот на добрата игра во одбраната на двете екипи кои за 10 минути постигнаа само 22 поени (13-9).
Во втората четвртина, проработе шутот на кошаркарите на Црвена звезда кои успеаја да направат двоцифрена предност и да го добијат овој период со 26-13 со што ги решија и дилемите околу победникот.
Во второто полувреме, „металците“ прикажаа далеку подобра игра, постигнаа двојно повеќе поени од првиот дел, но „црвено-белите“ рутински ја одржуваа предноста и на крајот славеа со 20 поени разлика.
Војдан Стојановски со 17 поеи беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, а добра партија прикажаа и Бојан Крстевски кој даде 14 поени како и Турчинот Самет Јигитоглу кој имаше дабл-дабл од 12 поени и 14 скока.
Во второто коло кое ќе се игра на 10 октомври, МЗТ Скопје пред своите гледачи го пречекува Партизан.