Најголемиот успех на Црвена ѕвезда во последниве две и пол децении, пласманот во групната фаза од Лигата на шампионите, предизвика невиден интерес кај навивачите. Српскиот првак е дел од 32-те најдобри екипи во Европа и во групата ќе игра против докажаните европски гиганти Ливерпул, Пари Сен Жермен и Наполи.
Атрактивните противници, но и фактот дека по 26 години клубот повторно е во една ваква фаза од најдоброто натпреварување, направи навивачите само за три часа да ги купат сите пакет-билети за трите меча кои ќе се играат на стадионот „Рајко Митиќ“.
Според распоредот на УЕФА, првиот меч Ѕвезда на свој терен ќе го игра на 18-ти септември против Наполи. Петкратниот европски првак Ливерпул во Белград ќе гостува на 6-ти ноември, додека францускиот првак Пари Сен Жермен на „Рајко Митиќ“ ќе игра на 11-ти декември.