Двата најтрофејни српски клубови, Црвена ѕвезда и Партизан имаа успешен настап во групната фаза од европските натпреварувања. Шампионот Црвена ѕвезда синоќа одигра 1:1 нагости кај Брага и тоа беше доволно да го освои првото место во групата во Лигата на Европа.
Од досегашните настапи во УЕФА натпреварувањата, Црвена ѕвезда досега инкасираше 9.988.000 евра, од кои само синоќа беа заработени 2,5 милиони евра. За ремито со Брага заработија 210.000 евра, за првото место во група им следуваат 1.100.000 евра, а за пласман во нокаут фазата дополнителни 1,2 милиони евра.
Партизан синоќа одигра 1:1 дома против Анортозис и тоа беше доволно да се задржи второто место во групата од Конференциската лига. Црно-белите од годинашните настапи во Европа вкупно имаат заработено 6.176.000 евра.
Ако се соберат парите што сезонава ги заработија Црвена ѕвезда и Партизан, се доаѓа до износ од 16.164.000 евра, а секако оваа сума може да биде поголема, во зависност од резултатите во пролетниот дел од европските натпреварувања. Во оваа сума ги нема парите кои клубовите ги заработија од влезниците, но и од телевизиските права.
Едноставно Црвена ѕвезда и Партизан се вистински пример за тоа како треба да се работи. Секако од клубовите од поранешна СФРЈ тука е и Динамо Загреб кој исто така ќе биде дел од пролетната сцена во Лигата на Европа.