Црвена ѕвезда верува дека може да направи уште едно големо изненадување на вечерашниот дуел против Наполи на гости. Српскиот првак гостува кај калчилигашот во рамките од петтото коло во Лигата на шампионите. На претходните две гостувања во групната фаза, Ѕвезда не помина добро. Кај Ливерпул загуби со 4-0, а во Париз со 6-1 беше поразен од Пари Сен Жермен.
Сепак, дека може да направи подвиг, Црвена ѕвезда покажа во претходното коло, кога во Белград со 2-0 го победи Ливерпул. Претходно, на свој терен одигра и 0-0 против Наполи. Сега е ред против „наполитанците“ да одиграат и на гости.
„Против себе имаме еден фантастичен противник. Не би го гледал овој меч низ призмата дали можеме да поминеме понатаму. Играме за Ѕвезда и верувам дека можеме да бидеме редовни учесници во елитното друштво бидејќи тука и припаѓаме. Единствено што барам од сите играчи е да веруваат во себе и да уживаат во секој момент на теренот. Јас верувам во нив. Го почитуваме Наполи, но не се плашиме од никого. На некои 260 километри оттука, во Бари станавме европски прваци. Затоа нема од што да се плашиме“, рече тренерот на Црвена ѕвезда, Владан Милојевиќ.
Засега не се знае дали во тимот на гостите ќе биде Милан Павков, кој беше стрелец на двата гола во дуелот против Ливерпул во Белград.