Српскиот стратег Дејан Станковиќ повторно ќе седне на клупата на Црвена ѕвезда.
За Станковиќ ова ќе биде второ поглавје во белградскиот гигант, откако претходно ја предводеше екипата во периодот од декември 2019 до август 2022 година. Во првиот мандат тој остави силен печат, освојувајќи три шампионски титули, два Купа на Србија и обезбедувајќи две европски „пролетни“ учества во Лига Европа.
Во 130 натпревари на клупата на Црвено-белите, Дејан Станковиќ оствари импресивен скор од 103 победи, 17 нерешени средби и само 10 порази, што дополнително го зацврстува неговиот статус меѓу најуспешните тренери во поновата клупска историја.
Од таборот на Црвена ѕвезда најавија дека официјалната промоција на тренерот ќе се одржи во понеделник со почеток од 15 часот.

