Фудбалерите на Црвена ѕвезда загубија како гости од Јавор Ивањица со 1-0 во 16-тото коло на Суперлигата на Србија. Интересно е дека вчера загуби и Партизан, и тоа на домашен терен од Железничар Панчево со 1-3.
Актуелниот шампион имаше целосна иницијатива во текот на целиот натпревар. Испрати дури 33 удари кон голот на противникот, но ниту еден не беше доволно добар за да го совлада одличниот голман Никола Васиљевиќ.
Фаталниот удар за актуелниот првак го зададе младиот напаѓач на Јавор, Огњен Крсмановиќ, кој шест минути пред крајот на мечот, по контранапад и додавање од Кајоде Сулиман, ја „клекна“ Ѕвезда на колена.
Тренерот на Црвено-белите, Владaн Милојевиќ, беше видливо незадоволен по натпреварот.
„Знаевме дека Јавор ќе игра со 10 играчи во својот шеснаесетник. Не успеавме да ја отклучиме нивната одбрана. Ни недостасуваше еден гол. Таков е фудбалот. Знаевме дека ќе ја чекаат својата шанса, ја дочекаа и постигнаа гол. Не е важно дали е заслужено, резултатот е оној што се памети. Имам впечаток дека и да игравме уште цел ден, не би постигнале гол“, изјави Милојевиќ за телевизијата „Арена спорт“.

