„Црвената фурија“ колективно е безмилосна кон Македонија

Шпанија е сурово безмилосна против Македонија во колективните спортови и има неверојатен биланс од 18 победи без реми и пораз во трите главни спортови, фудбалот, кошарката и ракометот.

Вечерва во Минхен на ред е дуелот број 19, ќе се игра ракомет, но ништо не е сменето, барем до 20.30 часот до почетокот на новото соочување со „црвената фурија“.

Повторно Шпанците се апсолутни фаворити, играат стандардно добро, победија на сите три меча досега во групата Б, а реалноста е дека ќе биде чудо и вечерва да не ги освои бодовите.

Едноставно, досега немаме рецепт како да ги надиграме и победиме, а не ни помогна ниту ангажманот на Шпанецот Раул Гонзалес. Со него на кормилото, Шпанците не декласираа лани, во јануари, на Европското првенство во Хрватска и славеа со 31:20.

Во ракометот имаме шест порази, а најмала разликата беше на СП во 2017 година, кога Шпанците нè победија со четири гола разлика, 29:25.

Поинаку не е ниту во фудбалот, каде што веќе имаме 7 од 7 порази и сè уште сонуваме барем за реми против ривал со кого често играме квалификациски мечеви за ЕП и СП.

Во кошарката го паметиме плуфиналето на ЕП во Литванија, во 2011 година, кога Карлос Наваро, Ла Бомба, нè растажи со неверојатна партија и заедно со соиграчите од шпанската репрезентација нè спречи да ја разубавиме кошаркарската историја со финале. Имаме играно уште пет пријателски дуели со Шпанците и сите ги загубивме.

 

- Оглас -

Најнови вести