Сенегалскиот судија Иса Су примени несекојдневен метод да спречи нереди по завршувањето на мечот од африканската Лига на шампиони меѓу тунискиот Есперанса и египетскиот Ал-Ахли. Тоа беше прв меч од четвртфиналето во ЛШ, а на теренот имаше многу тензии. На крајот домашниот тим победи минимално со 1:0 благодарение на погодокот од пенал во 73-тата минута.
Во текот на средбата играчите на двата тима имаа многу забелешки, но судијата Иса најде начин како да ги смири страстите на сите на теренот. Само што отсвири крај, главниот арбитер веднаш се фати за џебот и го извади црвениот картон. Не беше тоа за да исклучи некој фудбалер конкретно, туку „заштитно оружје“ во случај некој да сака да влезе во конфронтација со него.
Оваа тактика се покажа како добра затоа што ниту еден фудбалер, ниту член од стручните штабови не тргна кон судијата, кој подоцна беше обезбеден и од полицајците.

