Вардар заборави кога последен пат бил поразен во домашното првенство, а вчера со триумфот против Борец од 2:0 го нанижа и десеттиот меч на кој освојувал бодови.
Последен пораз на најтрофејниот македонски клуб е тој од Македонија Ѓорче Петров на стартот од новиот шампионат со 0:2, на меч игран на комплексот на Фудбалската федерација на Македонија.
Потоа следуваше преселба на Националната арена „Тодор Проески“ и старт на една импресивна серија. Во пет натпревари од домашниот шампионат Вардар не прими ниту еден гол како домаќин и има гол-разлика од 11:0 и пет победи.
Следен предизвик ќе биде да се сочува мрежата на Филип Гачевски на дерби-дуелот со Работнички за три дена, а на скопската пресметка Романтичарите се домаќини на Националната арена.
Вардар моментно е колидер со Академија Пандев, а двете екипи имаат по 24 бода по 11 одиграни натпревари.