Кога Цветковиќ дава гол, Вардар победува во првенството, се чека „будење“ на Аргентинците

Вардар ја задржа лидерската позиција и како прв помина „низ целта“ по комплетирање на вториот круг од фудбалското првенство на Македонија. По 22 одиграни средби, најтрофејниот македонски клуб има 55 бода, три повеќе од најголемиот ривал во трката за трофејот, тетовска Шкендија. Во борба за трофејот единствено може да се вмеша и Струга ТЛ, која е на третото место со 47 бода.

Во пролетниот дел Вардар тргна без својот најдобар фудбалер од првиот дел на сезоната, Роџерс Мато. Репрезентативецот на Уганда направи трансфер во Хартс во Шкотска, па јасно беше дека тоа може да биде удар за играта на Вардар.

Раководството на Вардар во зимскиот преоден рок доведе неколку нови фудбалери, а според досега прикажаното, како Бинго се покажа доведувањето на Стефан Цветковиќ од Железничар Панчево. Србинот игра на позиција на која беше токму Мато, по левата офанзивна страна, и засега одлично ја извршува работата за која е доведен. Цветковиќ одигра шест меча во Првата лига и постигна четири гола. Тоа што е впечатливо е дека кога Цветковиќ дава гол, Вардар победува.

Србинот го даде првиот гол во убедливата победа од 5:1 против Арсими, а потоа погоди и во лесната победа од 3:0 над Работнички. На дуелите против Башкими и Силекс, Вардар победуваше со 1:0, а токму Цветковиќ беше стрелец на тие погодоци кои носеа по три вредни бода во трката за титулата. Цветковиќ единствено не погодуваше на дуелите против Струга ТЛ (1:1) и Шкендија (пораз 0:1), а тоа се и средбите на кои Вардар не победи. Тоа значи дека засега кога Цветковиќ дава гол, Вардар сигурно победува.

За разлика од Цветковиќ, кој веднаш покажа дека одлично се вклопи во играта на Вардар, уште се чека блесок на троецот од Аргентина, Жоакин Торес, Диего Кастанеда и Иан Пулеио. Ниту еден од овие тројца засега нема стандардно место во првиот тим. Повратниците во македонската лига, Дарко Велковски и Бобан Николов, влегоа во ритамот и секако дека и тие се значајна алка во играт ана Црвено-црните.

Во пролетниот дел секако дека се чувствува и отсуството на левиот бек Михаил Маневски кој имаше операција и полека започнува со лесни тренинзи, а се очекува да биде подготвен на почетокот на април, односно по завршување на паузата поради настапите на македонската репрезентација. Во овие неколку мечеви, добивка за Вардар секако е тинејџерот Филип Цветковски. Играчот за врска кој има само 16 години беше стартер на четири мечеви и покажува дека е бисер на Вардар во кој треба да се верува и да му се дава шанса што повеќе да игра.

 

- Оглас -

Најнови вести