Тренерот на Пари Сен Жермен, Томас Тухел, изјави дека Бразилецот Нејмар е подготвен за настап на вечерашниот дуел со Тулуз од француската лига, но од клубот рекоа дека Нејмар нема да игра додека не се разреши целата ситуација околу него и евентуалниот трансфер.
Овие контрадикторни информации само покажуваат во каков хаос е клубот кој е француски првак, но никако не успева да се пробие до европскиот врв, и покрај многуте вложувања.
Тухел на прес-конференцијата кажа дека нема да играат Андер Ерера и Дракслер, што значи дека смета на Нејмар. Тој многу би сакал да го има на располагање и Бразилецот, но иако официјално е член на „светците“, Нејмар има забрана да игра и тоа од клубот. Само ако не биде продаден до 2 септември, Нејмар повторно ќе го облече дресот на ПСЖ.
Во ПСЖ бараат замена за Нејмар. Откако нивниот фаворит Пауло Дибала донесе одлука да остане во Јувентус, сега парижаните се свртеа кон Вилфрид Заха од Кристал палас, за кого нудат 109 милиони евра.
Клучот на Барселона за доведување на Нејмар е Усман Дембеле, за кој каталонците засега тврдат дека немаат намера да му го отстапат на ПСЖ, а и Реал е во трката за потписот на Нејмар. Синоќа Серхио Рамос после лошите 1-1 против Валјадолид, рече дека Нејмар е еден од тројцата најдобри фудбалери на светот и секако добро би им дошол во тимот.