Белград ќе биде градот каде што ќе се игра дербито на денот во квалификациите за пласман на Светското првенство. Србија е домаќин на Англија во дуел на две селекции кои уште немаат примено ниту еден гол.
Сепак, има една разлика, а тоа е дека Англија е перфектна со 12 бода од четири меча, а Србите се со седум бода од три средби. Тоа значи дека Србија е со императив да победи за да остане во чекор со Гордиот Албион. Селекторот на Англија, Германецот Томас Тухел имаше само пофални зборови за денешниот ривал.
„Ние сме подготвени да се соочиме со најдобрата верзија од српската репрезентација. Дојдовме во една врвна спортска земја, каде што има многу емотивни навивачи. Имаат одлични спортисти во многу спортови. Стадионот на којшто ќе играме е историски, а знаеме дека атмосферата ќе биде одлична. Сепак, ние сме одлично подготвени за овој дуел и одиме на победа“, рече Тухел.