Тухел од Нагелсман направи тренер, а дочекаа еден против друг да се борат за финале во ЛШ

Пред 14 сезони, Томас Тухел му беше тренер на Јулијан Нагелсман во вториот тим на Аугсбург, а сега дочекаа еден против друг да се надмудруваат за пласман во историско финале на Лигата на шампионите. Тухел го води ПСЖ, а Нагелсман е тренер на Лајпциг.

Заедничко за Тухел и Нагелсман е што двајцата кариерите како играчи ги завршија многу рано поради повреди на колената, а токму Тухел е најзаслужен што Нагелсман стана тренер бидејќи по повредата, го повика 19-годишниот Јулијан да му помага во стручниот штаб.

Во 2006 година, кога ПСЖ беше деветти во Франција, а Лајпциг не ни постоеше, Нагелсман реши да прекине со играњето, а претходно неговиот тогашен тренер Тухел се повлече на 25 години. Тухел е 13 години постар. Добро се познаваат, но нема да има емоции или попуст.

Ова не им е првпат да се сретнат еден против друг. Имаа дуел и во Бундеслигата, кога Тухел ја водеше Борусија Дортмунд, а Нагелсман беше на клупата на Хофенхајм. Но, тоа е неспоредливо со значењето на вечерашниот меч во Лисабон. Победникот оди во прво финале на ЛШ за тренерот лично и за тимот кој го води.

- Оглас -

Најнови вести