Тухел се надева на чудо поврзано со Мбапе

Пари Сен Жермен вечерва е на прагот да стигне до третата титула сезонава во Франција. Светците се радуваа во првенството и Купот, а сега ќе играат и во финалето на Лига купот против Олимпик Лион. Сепак, сите овие титули сигурно ќе паднат во заборат ако ПСЖ успее да стане европски првак.

Францускиот првак е дел од четвртфиналето од ЛШ, каде што за противник ја има Аталанта. Тимот од Бергамо е во одлична форма, а тоа го знае и тренерот на ПСЖ, Томас Тухел. Стратегот на ПСЖ е загрижен околу повредата на неговиот најдобар играч Килијан Мбапе.

Голгетерот беше повреден за време на финалето од Купот, кога еден играч на Сент Етјен крвнички стартуваше и му го повреди глуждот на ногата на Мбапе. По направените анализи, лекарите најавија дека Мбапе треба да паузира три недели, што значи дека нема да биде подготвен за дуелот со Аталанта. Тухел е оптимист дека може да се случи чудо.

„Неиграњето на Мбапе сигурно ќе има големо влијание на нашиот тим. Сепак, се надевам дека ќе најдеме решение. Се надевам дека Мбапе ќе може да игра против Аталанта, иако шансите се многу мали. Сепак, секој ден се надеваме дека може да се случи чудо“, вели Тухел.

Дуелот меѓу ПСЖ и Аталанта се игра на 12 август, а за тоа како ќе играат Светците без Мбапе во нападот, ќе видат вечерва, на дуелот против Олимпик Лион во финалето на Лига купот.

 

- Оглас -

Најнови вести