Тунис имаше впечатливо отворање на Африканскиот куп на нации во Мароко, победувајќи ја Уганда со убедливи 3-1 во првото коло од групата Ц. По разочарувачките настапи на претходните два континентални шампионати, кога сензационално не успеа да ја помине групната фаза, оваа квалитетна африканска селекција јасно покажа дека нема намера да препушти ништо на случајот.
Со оваа победа, Тунис ги освои „планираните“ бодови, додека претходно Нигерија ја совлада Танзанија со 2-1 и веднаш ја презеде контролата во групата. Натпреварот во Рабат започна со доминација на Тунис, која рано се трансформираше во гол.
Веќе во десеттата минута, по корнерот од десната страна изведен од Ханибал Мејбри, Скири највисоко скокна во шеснаесетникот и со удар со глава, со помош на стативата, го совлада голманот за водство од 1-0.
Доминацијата на фаворитот продолжи, а предноста беше зголемена во 40-тата минута. Абди испрати прецизен центаршут од левата страна, а Елијас Ашури мајсторски ја прифати топката и со ефектен удар под пречката постигна 2-0. Крилниот напаѓач на Копенхаген го потврди одличното издание и во вториот дел. Во 64-тата минута, по брз контранапад и удар на Абди, кој беше одбранет, Ашури снаодливо ја смести топката во мрежата за 3-0, практично решавајќи го натпреварот.
Уганда успеа само да го ублажи поразот во судиското продолжение, кога Омеди го постигна конечниот резултат 3-1. Единствениот претставник на Африканскиот Куп на Нации од Првата македонска фудбалска лига, вардарецот Роџерс Мато, се најде во стартниот состав на Уганда и настапи до 85-тата минута.

