Тренерот на Барселона, Чави Ернандес, изјави дека има желба да го води каталонскиот тим и следната сезона, но прво мора да разговара со претседателот Жоан Лапорта, објавија шпанските медиуми.
Медиумите пишуваат дека со ова продолжува неизвесноста околу судбината на Чави во Барселона бидејќи во последно време постојано се објавуваа различни информации.
Чави кон крајот на јануари јавно изјави дека на крајот од сезоната ќе си замине од Барселона, но минатиот месец Лапорта успеа да го убеди да ја промени одлуката.
Работите повторно се променија пред неколку дена, кога Чави изјави дека челниците на Барселона мора да вложат голема сума за засилувања со цел екипата да биде конкурентна во битката за трофеите следната сезона.
Ваквите изјави го налутија претседателот Лапорта, кој најави дека ќе бара нов тренер за следната сезона.
Синоќа Чави по победата на Барселона над Рајо Ваљекано (3:0) изјави дека е подготвен да остане и следната сезона.
„Да бидам искрен, не ми се допадна тоа што навивачите го исвиркаа Лапорта. Сакам сите да бидеме обединети, мора да бидеме единствени. Пред три недели зборувавме дека мора да напредуваме и сегашната порака ми е идентична. Очекувам следните денови да седнам на маса со претседателот на разговори, но некои работи мора да се менуваат. Екипата мора да се засили“, изјави Чави.
Барселона на едно коло до крајот на сезоната во Ла Лига се наоѓа на второто место на табелата со 12 бода помалку од новиот шампион Реал Мадрид.