Дисциплинската комисија на Турската фудбалска федерација (ТФФ) суспендираше 149 судии на период од осум до дванаесет месеци поради обложување на резултатите од натпревари, додека против уште тројца се води посебен дисциплински процес. Според резултатите од внатрешната истрага на ТФФ, од вкупно 571 судија со лиценца за професионални лиги, дури 371 има отворени сметки на обложувалници, а 152 активно се обложуваат.
Меѓу нив има 22 судии кои воделе натпревари во Првата турска лига, од кои седум главни и 15 помошни.
„Судењето е чесен професионален занает и секој кој ја нарушува таа чест повеќе никогаш нема да учествува во турскиот фудбал“, изјави претседателот на ТФФ, Ибрахим Хаџиосманоглу.
Федерацијата исто така соопшти дека десет судии се обложувале на повеќе од 10.000 настани, а 42 судии направиле најмалку 1.000 обложувања. Сè уште не е утврдено дали некој од суспендираните се обложувал на натпревари на кои самиот судел.

 
                                    