Турците чекаа година и пол и се појави велемајсторот за голови од Македонија, Адис Јаховиќ. Со четири гола од кои последните два се во манир на расен стрелец поранешниот наш репрезентативец сам го победи Денизилиспор и стана само третиот фудбалер во најсилната турска лига што отворил покер на ист меч во последните пет години.
Пред него во март во 2018 година Бафетемби Гомис потигна 4 гола за галатасарај во победата од 7:0 против Карабукспор, а идентичен ефект имаше и Фернандао во 2014 година, а пак настрада Карабукспор.
И очекувано Турците, но и сите останати љубители на фудбалот се чудат зошто првиот стрелец во силната турска лига не игра за македонската репрезентација.
„Јаховиќ не игра за Македонија. Можно ли е да се откажат од ваков стрелец“, пишуваат навивачите на Малатијаспор на социјалните мрежи.
Првите два гола во победата на Јени Малатијаспор против Денизли со 5:1 топ-стрелецот во Првата турска лига ги постигна од пенал, а потоа следеа две мајстории. Третиот свој гол и четври на мечот го постигна во англиски стил со убав удар со глава, а потоа покажа и дека е вешт дриблер.
Во 91. минута со дриблинг го „легна“ на тревникот Огуз Јилмаз и постигна гол со врвот на копачката. Мајсторски како круна на брилијантното шоу на стадионот на Малатија. Моментно по некомплетното седмо коло во Суперлигата на Турција Јаховиќ е прв стрелец со 7 погодоци, пред Папис Сисе од Аланијаспор со 6 гола.
https://twitter.com/sinyorms/status/1180218871413915650?s=20