Црвена ѕвезда на свој терен во Белград загуби со 1:2 од Бенфика во првото коло од Лигата на шампионите. Српскиот првак имаше одлична поддршка од навивачите, но Бенфика на најдобар можен начин го започна мечот.
Само по девет минути игра, турскиот интернационалец Артуркоглу погоди за водство на гостите од 1:0.
По неполн половина час игра, Бенфика веќе имаше предност од 2:0. Овојпат на сцена стапи вториот турски интернационалец во Бенфика, Кокчу, кој постигна прекрасен гол од слободен удар.
Во продолжение на дуелот, Црвена ѕвезда се обидуваше да наметне свое темпо, но дури во 86-тата минута стигна радоста за домашните фанови. Милсон погоди за 1:2, па во последните неколку минути Ѕвезда со сите сили се обидуваше да нападне за да стигне до израмнување, но гостите се одбранија и трите бода заминаа за тимот од Лисабон.
До победа на гости стигна и германскиот првак Баер Леверкузен, и тоа на гости кај Феенорд. Уште во првото полувреме Фармацевтите ги решија сите дилеми кога германскиот тим ги постигна сите четири гола. Во вториот дел, фаворитот одлично ја контролираше играта и на крајот славеше со 4:0.