Босанскиот фудбалер Един Џеко, летово се подготвува за нов трансфер, а како што најавуваат турските медиуми, тоа ќе биде последниот трансфер во неговата кариера. Џеко во моментов има 38 години и е фудбалер на Фенербахче, но според медиумите од Турција, тој летово ќе се пресели во шампионот на Саудиска Арабија, Ал-Хилал, каде што би заработувал по 11 милиони евра годишно. Договорот со Арапите би бил на плус една година, па оттаму се и тврдењата дека ова ќе биде неговиот последен трансфер.
Обесштетување ќе добие и Фенербахче бидејќи Џеко има уште една година од договорот, но очекувањата се дека сумата нема да биде преголема.
Един Џеко пред еден месец стави крај на репрезентативната кариера откако за селекцијата на Босна и Херцеговина одигра 134 натпревари, на кои постигна 65 гола. Во клупската кариера настапуваше за Железничар од Сараево, Теплице, Усти над Лабем, Волфсбург, Манчестер сити, Рома и Интер.