Турците слават за потегот на Фенербахче и Галатасарај, но казната за тоа може да биде во милиони евра

Финалето од турскиот Суперкуп меѓу Фенербахче и Галатасарај не се одигра денеска, иако беше планирано да има фешта во Ријад, Саудиска Арабија. Двата турски гиганти беа во Ријад, но не се појавија во предвидениот термин на стадионот во Ријад, а причината за откажувањето не е фудбалска.

Двата турски тима беа подготвени на теренот да излезат со маици на кои ќе биде ликот на Кемал Ататурк, во чест на 100 години од основањето на Турција. Поради своите ставови кон исламот, Ататурк не е многу омилен во Саудиска Арабија и токму затоа организаторот на овој меч не дозволи на екипите да излезат со маици на кои ќе биде ликот на Ататурк.

Кога дознаа дека добиле забрана за покажување на ликот на Ататурк, фудбалерите на двата турски гиганти едногласно решија дека нема да играат во Ријад и заедно со челниците на турската фудбалска федерација испратија заедничко соопштение.

„Сакавме заеднички да прославиме стогодишнина од нашата република во Саудиска Арабија и тоа да биде со мечот кој требаше да се игра вечерва. По некои непријатности во организацијата решивме мечот да биде одложен“, стои во заедничкото соопштение на двата финалисти и ФФ на Турција.

Овој скандал нема да застане тука и според најавите, Саудијците подготвуваат тужба во која ќе бараат голема оштета поради откажување на Суперкупот. Организаторот вложил многу пари за да се одигра дуелот кој беше откажан, па сега се шпекулира дека можно е да се бара 40 милиони евра од турската фудбалска федерација поради откажување на овој дуел.

 

- Оглас -

Најнови вести