Македонската одбојкарска репрезентација своето неискуство на големите натпреварувања го плати со уште еден пораз на Европското првенство во Љубљана, овојпат од Турција, во минимални три сета.
Првиот сет Турците го добија со 25-20, а најголем отпор дадовме во вториот, кој сепак со подобра игра во клучните моменти, противникот го доби со 25-23. Ова психолошки негативно влијаше врз македонскиот тим, па во третиот сет Турција рано создаде предност која умешно и искусно ја одржуваше, и го доби со убедливи 25-13. Работата во третиот сет им ја олесни и нашата репрезентација, која како да се предаде и не покажа борба како во првите два сета.
Љафтов со 10 поени беше единствениот двоцифрен во македонскиот тим, и тоа беше премалку за изненадување.
После двата порази, осминафиналната рунда на ЕП делува како невозможна мисија за Македонија која е дебитант, но останува да се играат уште трите средби во кои ќе се бара изненадување и поправка на впечатокот.
Утре од 17.30 часот, избраниците на Никола Матијашевиќ се среќаваат со најсилниот тим во групата, Русија, во меч на кој и освоен еден сет би бил подвиг за „црвено-жолтите“.