Кошаркарската репрезентација на Турција ја совлада Србија со 95-90 и го освои првото место во групата, што носи и реалтивно послаб ривал во осминафиналето, селекцијата на Шведска. Србите ќе вкрстат против Финска.
И покрај бројните кадровски проблеми, покрај Богдан Богдановиќ, не играа и Алекса Аврамовиќ и Тристан Вукчевиќ, Србија го доби првото полувреме со 49-46, предводена од Јокиќ, Петрушев и Никола Јовиќ, но и останатите кошаркари имаа свои моменти и дадоа значаен придонес во тоа водство.
Во второто полувреме Турција продолжи со прецизната игра од линијата за три поени, особено преку Ларкин, Шенѓун и Осман, па до крајот на третата четвртина веќе имаа 14 реализирани тројки. Сепак, и Србија наоѓаше решенија во нападот и не дозволи ривалот да се одлепи, додека Јокиќ рутински ги градеше своите вообичаени бројки.
Борбата остана израмнета, со чести промени во водството. На средината од последната четвртина Србија направи серија од пет поени преку Гудуриќ и Добриќ за предност од 83-79.
Но, на влезот во последните две минути, Хазер со тројка ја врати Турција напред, 89-88. Селекторот Пешиќ веднаш побара тајм-аут, а Јокиќ потоа погоди за минимално водство на Србија.
Сепак, тоа траеше кратко. Шенѓун изнуди прекршок од Јокиќ и од линијата за слободни фрлања донесе ново водство за Турција, 91-90. Следниот напад Србија лошо го организираше преку Мициќ, а Шенгјун му ја одзеде топката на Гудуриќ. Потоа Ларкин беше фаулиран и ги реализираше двете слободни за 93-90, со што Турција стигна на чекор до победата и славеше со 95-90.