Легендата на македонската одбојка, Горан Јаневиќ-Јанта, е човек кој во 2004 година реши да формира свој женски клуб, а денеска по негова заслуга Македонија има одбојкарски првак кој со успех ја претставува нашата земја на меѓународна сцена.
Јанта волеј неодамна направи нешто што ниту еден женски клуб долги години немаше успеано, елиминира странски клуб, и тоа во најсилното клупско натпреварување во Европа. Двете победи над Гацко од БиХ и освоениот сет против францускиот тим Волеро Ле Кан и тоа како ќе ја зголемат самодовербата кај играчите кои првпат се сретнаа со ваков предизвик.
СОНОТ СТАНА РЕАЛНОСТ
„Ќерката ми беше главна мотивација да основам женски одбојкарски клуб, таа кога беше второ одделение, сакаше да тренира нешто, а мојата кариера како играч привршуваше, земав сала и почнавме со мојот соиграч Јово Ковачевски од Работнички. Го оформивме клубот, постепено растевме низ младински категории, влеговме во водите и на сениорската одбојка и еве дојдовме и до Лигата на шампионите. Искрено, задоволен сум од постигнатото. Кога почнавме, не очекував дека ќе стигнеме дотука. Имаме четири сениорски титули, 30-тина во младинските категории. Предизвик ми е, многу сакам да работам со млади, да им го пренесам знаењето“, вели Јаневиќ.

„Годинава ме натераа да се пријавиме во квалификациите за ЛШ, бев многу скептичен, тоа е голема работа, обврски, трошоци. Син ми стана тренер на сениорскиот тим, снаата игра во клубот, и жена ми е тука, ние сме фамилијарен клуб, не сме наследиле државен бренд како Работнички, Вардар или слично и затоа не сум ни сонувал дека ќе дојдеме до тука“, раскажува Јаневиќ.

Играњето во ЛШ е нешто поинакво од домашното првенство.
„Самата организација на такви мечеви донесоа возбуда и кај мене. Девојките исто така уживаа, сета таа атмосфрера со лед осветлување, тарафлекс подлога, со самото тоа што се натпреваруваме во квалификациите во најсилното натпреварување е супер за нас. Во групна фаза се екипи кои се недостижни за нас во моментов. Девојките покажаа срце, храброст, имавме среќа и во ждрепката што ни падна Гацко, по победата дома добија сила и се повтори истиот резултат и таму победивме 3-2, беше голема радост, издржаа, иако имаше падни-стани. Францускиот тим е друга димензија, имаат само три Французинки во составот, другото им се играчи од странство, имаат една турска репрезентативка, имаат девојки од два метри. Но, доколку би имале повеќе такви мечеви, нашите би знаеле како да се однесуваат со такви ривали“, додава популарниот Јанта, кој најголемиот дел од кариерата го мина во клубот Работнички, беше и репрезентативец и знае како е да се играат врвни европски натпревари.
СО ДОБРА ОРГАНИЗАЦИЈА И ФИНАНСИИ, МОЖЕ И ЖЕНИТЕ ЕДЕН ДЕН ДА ГИ ВИДИМЕ НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВ0
„Имаме таленти за одбојка, нашето поднебје е такво, може да има девојки високи до кај 190 сантиметри. Немаме драстично високи девојки двометраши. И тие квалитетните што ги имаме, ги губиме, немаме услови за работа, немаме појаки турнири со силни противници. Трошоците се големи и без здрава поддршка од јаки спонзори, тешко е да го достигнеме врвот. Благодарност до Одбојкарската федерација што по осум години пауза пријави женска репрезентација. Со години само се тренираше, немавме излезено надвор, а вака девојките добија самодоверба. Ова е искра која се надевам дека ќе го распламти оганот. На машките им се пружи континуитет, мислам дека ќе може и жените да се пласираат на ЕП. Кај девојките имаме многу популарност, најмасовен спорт сме во тој дел, треба да го извлечеме најдоброто, со добра организација може да напредуваме“, оптимист е некогашниот селектор за иднината на женската одбојка и репрезентација.

За настапите во Европа ова е врвот што можеше да се направи, по мечот во Франција на кој ќе се собере искуство, Јанта волеј оди во ЦЕВ купот, каде го чека двобој со Динамо Загреб.
„Во домашните натпреварувања ќе пробаме да освоиме двојна круна, лани ни побегна купот во финалето. Ќе тежнееме да го одбраниме шампионскиот трофеј“, вели Јаневиќ за амбициите на клубот на домашна сцена.

Јанта сака да гледа фудбал, а фан е на белградските Црвено-бели.
„Фудбал секако следам во слободно време, омилен тим уште од детството ми е Црвена ѕвезда. Немам некое искуство со обложување, со хуманитарниот тикет се надевам на почетничка среќа“, заклучи Јаневиќ.


