Убави вести од Србија: Кошаркарот кој остана без бубрег почнал да тренира со Игокеа

Српскиот кошаркар Бориша Симаниќ кој на Светското првенство минатата година во Манила доби незгоден удар на мечот против Јужен Судан и остана без бубрег, е на прагот да и се врати на кошарката. Според информациите од Србија, тој почнал да тренира со тимот на Игокеа.

Симаниќ доби непријатен удар на терен, а состојбата подоцна се искомпликува и српскиот кошаркар остана без бубрег, што го стави во животна опасност.

Оттогаш нема одиграно официјален натпревар, но според информациите Симаниќ сега добил шанса да тренира со тимот од Лакташи. Останува да се види дали од оваа ситуација ќе се развие соработка помеѓу двете страни.

Бориша се огласи на социјалните мрежи на почетокот на август, кога изјави дека верува дека ќе се врати на кошарката, но и дека се чувствува заборавено.

„Сигурен сум дека ќе бидам подготвен за продолжување на кариерата, но сè уште не знам каде, бидејќи е многу тешко да се најде клуб што ќе ангажира играч со ваква повреда. Моја желба е тоа да биде некаде во Србија, бидејќи тука е доктор Гага, во кој имам голема доверба. За да го остварам тоа, ми е потребна помош од сојузот и од државата за да направам соодветен договор. Досега имав некои ветувања, но остана само на тоа. Полека се чувствувам заборавено“, изјави Симаниќ.

- Оглас -

Најнови вести