Кошмарни 180 секунди имаше голманот на Ливерпул, Алисон Бекер, направи две несфатливи грешки, што ги искористија Гундоган и Стерлинг за клучни голови во победата на Манчестер сити од 4:1 во големото англиско дерби.
Бекер, кој е еден од најдобрите голмани на светот, при резултат од 1:1, лошо ја изби топката, а во продолжението од акцијата Фил Фоден му асистираше на Илкај Гундоган за предност на гостите од 2:1.
Потоа, само три минути подоцна, голманот на Ливерпул имаше идентичен кикс, а тоа го искористи Рахим Стерлинг по додавањето на Бернардо Силва за 3:1.
Мечот веќе беше решен, а Фил Фоден, кој одигра импресивно, со нов гол во 83-тата минута за гостите само ги зголеми маките на актуелниот првак Ливерпул, кој полека, но сигурно се простува од шансите за одбрана на титулата.
Претходно Илкај Гундоган промаши пенал во 37-мата минута, но се извади со два гола во второто полувреме. Почесниот гол за Ливерпул го постигна Мохамед Салах од пенал за 1:1 во 63-тата минута.
Манчестер сити се зацврсти на првото место во Премиер лигата со 50 бода и меч помалку од ривалите. Втор е Манчестер јунајтед со 45, следува Лестер со 43 и Ливерпул со 40 бода.