Шокантни се снимките кои го преплавија светот на кои се гледа како е убиен најпознатиот десничарски активист во САД, Чарли Кирк. Овој 31-годишен поддржувач на претседателот Доналд Трамп беше убиен додека држеше јавен говор на отворено на Универзитетот во Јута Вали. Кирк беше застрелан од далечина и погоден директно во вратот, па лекарите немаа шанси да го спасат.
Ова убиство донесе и нестабилност кога се работи за спортот. Фудбалските фанови преку социјалните мрежи бараат на Соединетите Американски Држави да им бидат одземени правата за домаќинство на Светското првенство во 2026 година.
Во дел од реакциите на социјалните мрежи се пишува: „Со пукањето преку ден и убиството на Чарли Кирк, ФИФА не треба да дозволи Америка да биде кодомаќин на Светското првенство“, напиша еден корисник на социјалната мрежа „Х“.
Други беа подеднакво директни: „Како може Светското првенство да се одржи во небезбедна земја по сцените на убиството на Чарли Кирк?“
„Светското првенство не може да се одржи во Америка, за безбедноста на сите“, коментираше друг.
Некои отидоа чекор понатаму: „Откако го видов видеото со Чарли Кирк, не мислам дека домаќинството на Светското првенство во Америка е добра или мудра идеја.“
„Уште еднаш, домаќинството на Светското првенство во Америка е ужасна идеја. Оваа вест за Чарли Кирк е толку тажна“, додаде друг.
Светското фудбалско првенство кое ќе се игра следната година ќе биде во три земји, и тоа: САД, Канада и Мексико. Сепак, дури 11 од 16-те града кои ќе бидат домаќини се во САД. Мечевите од четвртфиналето, па до крајот на првенството ќе се играат само на терените во САД.
Предвидено е финалето на Мундијалот 2026 година да биде на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси.