Учесниците на Копа Америка ќе се изнапатуваат, а не може да бираат хотели

За првпат во историјата на Копа Америка на учесниците не им е дозволено сами да си бираат хотели во кои ќе бидат сместени. Ќе мора да тренираат таму каде што ќе им биде кажано, а најголем проблем е што ќе мора многу да патуваат низ големиот Бразил.

Шампионатот на Јужна Америка стартува на 14 јуни, ќе играат 12 репрезентации, а ниту домашните нема да имаат никакви привилегии во делот на логистиката и инфраструктурата. Идејата е да се има изедначеност, но некои тимови ќе треба да патуваат многу повеќе од другите.

Од 12-те тима, најмногу ќе се шетааат Венецуелците, кои никогаш не биле прваци на Копа. Тие ќе играат во Порто Алегре, Салвадор и Бело Хоризонте, и ќе треба да минат вкупно дури 4 520 километри. Во првата фаза, најмалку ќе патува Боливија, „само“ 872 километри.

Бразил во првата фаза ќе игра само во два града, но од Сао Пауло до Салвадор и назад има 2 942 километри. Аргентина ќе се сели од Салвадор до Бело Хоризонте и на крајот во Порто Алегре, што е 3 133 километри.

На Копа Америка како гости со специјална покана ќе играат и Јапонија и Катар, па тие освен што ќе мора да патуваат до Бразил од други континенти, ќе имаат сериозни патешествија и низ земјата домаќин.

- Оглас -

Најнови вести