УЕФА бара брз проток на фудбалерите за септемвриските мечеви

Европската куќа на фудбалот, УЕФА, ги информираше 55-те членки да побараат од своите Влади да има непречен и брз проток за сите репрезентативци кои ќе настапуваат за националните селекции за две недели, а и подоцна, ако пандемијата со корона-вирусот остане како закана.

Тоа би значело да нема задолжителни карантини по влез во земјите домаќини на мечевите, иако тестирање за ковид-19 би имало.

На почетокот на септември, од трети до осми, ќе се играат првите натпревари во второто издание на Лигата на нациите, а набрзо ќе се игра и второто коло.

Македонија ќе стартува во Сегментот Ц со мечот против Ерменија во Скопје на 5 септември, за жал, според одлука на УЕФА, без присуство на публика.

Три дена подоцна ќе го играме и вториот меч во втората група од Сегментот Ц против Грузија во Тбилиси. Истата репрезентација би можела да ни биде ривал и домаќин во многу поважен меч во октомври, во евентуално финале од Сегментот Д од ланското премиерно издание на Лигата на нациите.

Тој циклус не е завршен поради пандемијата со корона-вирусот, а е многу важен бидејќи е во финална фаза и одлучува за настап на европското првенство што ќе се игра следната година.

Македонија на 8 октомври ќе игра полуфинале со Косово во Скопје, по сè изгледа повторно без присуство на навивачи на трибините и ако победи, ќе ѝ гостува на Грузија или на Белорусија во нокаут-меч што ќе го одреди шампионот во Сегментот Д и што е уште поважно, ќе обезбеди историски билет за настап на ЕП.

- Оглас -

Најнови вести