УЕФА тера инает и не сака одложување на Европското првенство што треба да се игра од 12 јуни до 12 јули и покрај силниот отпор од грото фудбалски федерации чии национални селекции се пласираа на шампионатот или ќе играат баражи за настап.
Проценката е дека трошоците се движат меѓу 200 и 300 милиони евра, а се однесуваат на резервација на хотели, стадиони, маркетинг, продажба на билети и уште дузина други работи за шампионатот што треба да се игра во 12 европски градови. Ако се одложи шампионатот за следната година, што е прифатлив предлог за грото земји-учеснички на ЕП, тогаш УЕФА би имала огромни загуби.
Отпорот сепак е преголем од поголемиот дел од фудбалските федерации и како што објави „Л`Екип“, не само што не сакаат да играат годинава поради Коронавирусот туку и не сакаат да учествуваат во покривањето на загубите што УЕФА сигурно ќе ги претрпи, а се мерат во стотици милиони евра.
Што е уште посмешно во предлогот на УЕФА за солидарност во покривањето на трошоците на една од најбогатите светски федерации е дека по некоја пара ќе треба да одвојат и репрезентациите што не се пласирани, а треба да играат баражи во Лигата на нациите за да се пробијат до ЕП 2020. Меѓу нив е и Македонија, која треба да игра на 26 март со Косово, но логично побара од УЕФА полуфиналето од баражот од Сегментот Д во Лигата на нациите да биде одложено поради епидемијата од Коронавирусор.
Такво барање има и од Босна и Херцеговина, од Словачка и од Република Ирска, а како што објавуваат европските медиуми, отпор има и од највлијателните фудбалски федерации.
Италија е блокирана комплетно и таму е најголемото жариште на опасниот вирус, а Рим треба да биде еден од домаќините. Германците размислуваат да го прекинат првенството, Шпанија веќе го стори тоа, а и во Англија ситуацијата не е розова.
УЕФА е под голем притисок, иако не попушта, а конечната одлука дали ќе гледаме крпено ЕП од 12 јуни до 12 јули годинава или ќе победи разумот, па ќе има нормален шампионат следната година, ќе се знае во вторник на 17 март.