Европската фудбалска унија, УЕФА, најостро ги демантира пишувања на шпанските медиуми за договорот помеѓу нив и Владата на Обединетите Арапски Емирати вреден 2,4 милијарди евра. Од УЕФА велат дека шпанските таблоиди шират невистини како одмазда за неуспешниот проект за фудбалската Суепрлига и дека таков договор нема. Воедно, од УЕФА велат дека не е предвидено финалните натпревари од Лигата на шампионите да се играат на друг континент, односно во Абу Даби.
Причината за ваквата реакција од страна на УЕФА се пишувањата на некои шпански медиуми дека во Нион се загрижени од можната пресуда на Спортскиот суд, а капиталот од ОАЕ, кој би влегол во европскиот фудбал, ќе биде можност да се придобијат големите екипи и да се спречат да учествуваат во Суперлигата.
Според шпанскиот „Дијарио“, договорот предвидува најмалку едно финале до 2030 година да се игра во главниот град на Емиратите, Абу Даби, а Суперкупот секоја година да биде на истото место. Владата на ОАЕ ќе ги откупи и ТВ-правата за европските клупски натпреварувања.