Помалку од три месеци остануваат до стартот на Европското првенство во Германија, а од средата веќе нема енигма околу учесниците. Познати се сите 24 селекции кои ќе водат битка за највредниот континентален трофеј кој се доделува еднаш на четири години.
Пред почетокот на ЕП, се очекува УЕФА на состанокот во Дизелдорф да донесе една интересна одлука за идеја која ја дадоа селекторите на повеќе репрезентации учеснички.
Селекторите ќе треба на 8 април да образложат зошто сакаат да им биде зголемен бројот на списокот на играчи кои треба да ги повикаат на континенталниот собир. На последното ЕП, поради фактот дека се одржа во време на пандемија со корона-вирусот, беше дозовлено селекциите да имаат по 26-мина наместо по стандардните 23-ца фудбалери на располагање.
Ист беше случајот и со Мундијалот во Катар, кога беше дозовлено во ростерот на националните селекции да има по 26-мина фудбалери. Сега бројката на списокот треба да биде вратена на 23-ца играчи, но селекторите инсистираат повторно да биде дозволено да имаат можност да пријават по 26-мина фудбалери.
„Во денешно време бројот на повредени фудбалери е многу поголем од тоа што било порано. Затоа мора да имаме подготвено алтернативи, дури и кога се работи за најмали повреди“, вели селекторот на Холандија, Роналд Куман.