УЕФА сериозно размислува да го прошири форматот на Европските првенства и од 2028 година да настапуваат 32 репрезентации, наместо форматот со 24 селекции што е актуелен.
По сегашниот систем се игра од 2016 година, кога првенството на Стариот континент се прошири за нови 8 селекции, односно од 16 кои учествуваа на ЕП 2012 до 24 на турнирот во 2016 година, кога првак стана Португалија.
УЕФА е задоволна од проширувањето, со 24 репрезентации многу помали земји добија шанса да си го остварат сонот за настап на Европско првенство, а меѓу нив е и Македонија. За првпат нашата репрезентација настапи на големо натпреварување на актуелното ЕП што е во тек и ќе заврши вечерва со финалето во Лондон меѓу Италија и Англија.
Развојот на фудбалот е една од приоритетните цели на УЕФА, па идејата за 32 репрезентации на ЕП е сериозен проект што би можел да почне од 2028 година.
УЕФА под своја капа има 55 членки.