Фудбалската репрезентација на Романија доби службена победа од 3-0 против Косово за прекинатиот меч, па Романците се најуспешен тим во Лига Ц од Лигата на нациите со максимални 18 бодови.
Косоварите се повлекоа во соблекувална во 90-тата минута поради скандирањата на публиката „Косово-Србија“, а и покрај тоа што судиите и делегатот бараа од нив да се вратат на терен, тие одбија, па одлуката за службен пораз на Косово е очекувана. Фудбалската федерација на Косово ќе треба да плати и 6.000 евра.
Романската фудбалска федерација е парично казнета дури со 128.000 евра, и тоа поради политички пораки, предмети фрлени на теренот, пиротехнички материјали, употреба на ласер, свирежи на химната, антиунгарска ксенофобија.
Исто така, Романија следниот официјален натпревар на домашен терен ќе го одигра без публика на трибините.