Холандскиот судија Дани Макели (41) нема да суди во нокаут фазата на Европското првенство. Така одлучи УЕФА по натпреварот меѓу Хрватска и Италија (1-1), кој заврши со елиминација на Хрватите од групата на ЕВРО 2024. Холандските медиуми објавија дека полицискиот инспектор Макели веќе се вратил во Ротердам.
Дани Макели на Европското првенство го судеше и натпреварот меѓу Германија и Унгарија (2-0) во групната фаза, а по натпреварот меѓу Хрватска и Италија стигнаа многу протести за неговата работа.
Хрватска прими гол во осмата минута од судиското продолжение, што предизвика бес кај хрватската јавност бидејќи никој не може да објасни како холандскиот судија успеа да одреди толку долго продолжение.
На судењето на Макели се жалеше и Унгарија, која исто така испадна од групата. Нивниот селектор Марко Роси се пожали поради голот на Џамал Мусијала, бидејќи сметаше дека асистентот Илкај Гундоган претходно направил прекршок во напад.
За Макели ова беше второ Европско првенство во кариерата, а судеше и на Светското првенство во 2022 година во Катар. Сепак, во Германија не се задржа премногу долго.