Европската куќа на фудбалот (УЕФА) ги одреди казните за екипите од првите кола во квалификациите за европските купови, а најтрофејниот македонски клуб Вардар ќе мора да плати висока парична казна.
Станува збор за инцидентите што се случија за време на натпреварот против Ла Фиорита од Сан Марино. Од Западната трибина на теренот беа фрлани пиротехнички средства и петарди, поради што клубот ќе треба да плати 20.000 евра.
Дополнително, изречена е и казна од 10.000 евра поради политичка порака. Навивачката група „Комити“ истакна транспарент посветен на Европскиот парламент, каде што се водеше дебата за македонскиот идентитет и јазик, што било забележано од делегатот на натпреварот.