УЕФА го одреди форматот на квалификациите за СП 2026

Извршниот одбор на Европската фудбалска федерација (УЕФА) на денешниот состанок донесе одлука да го промени системот на квалификации за Светското првенство што во 2026 година треба да се игра во САД, Канада и Мексико. Европа на претстојниот Мондијал ќе има 16 репрезентации, наместо досегашните 13, бидејќи за првпат ќе се игра со 48 селекции на едно СП.

Европските квалификации ќе се играат во два дела, ќе има групна фаза и плејоф. Групната фаза ќе се игра како и досега, ќе има 12 групи со по четири или пет репрезентации, а натпреварите ќе се играат од март до ноември во 2025 година. Победниците на групите ќе обезбедат директен пласман на СП 2026.

Второпласираните селекции од квалификациите, како и најдоброрангираните победници во Лигата на нации од сезоната 2024/25 кои квалификациите не ги завршиле на првото или второто место, ќе играат во плејофот.

Во плејофот би се направиле четири групи со по четири репрезентации и би требало да се игра по еден меч во полуфиналето и во финалето, исто како што беше и во квалификациите за СП 2022 година кога Македонија загуби од Португалија во финалето на баражот.

Овој план за квалификациите на УЕФА треба да го одобри ФИФА и тоа наесен.

- Оглас -

Најнови вести