УЕФА им нудела пари на премиерлигашите да се повлечат од Суперлигата?

Причина за крахот на новоформираната европска Суперлига било тоа што УЕФА на шесте англиски клубови им понудила многу пари за да се откажат од учество во тоа натпреварување. Ваква информација е објавена на „Ел Мундо депортиво“, најпознатиот спортски весник од Барселона.

Според каталонскиот медиум, УЕФА наводно им предложила солидна сума пари на Арсенал, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем и Челзи за да ја напуштат организацијата за која потпишаа претходно дека ќе учествуваат во неа. На другите шест клуба основачи, УЕФА не им предложила финансиски стимул. Во УЕФА сметаат дека шпанските клубови предводени од идеологот Флорентино Перес и Јувентус им се најголеми непријатели.

Шесте англиски клубови изразиле желба да си го вратат членството во Асоцијацијата на европски клубови ЕКА. Токму членови на ЕКА први дознале за напуштањето на премиерлигашите.

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, го искоментира решението на англиските клубови.

„Кажав дека добро е да си признаеш кога си направил грешка, а овие клубови направија огромна грешка. Сега тие се враќаат таму каде што треба да бидат. Тоа може многу да му помогне на европскиот фудбал. Сега важно е да продолжиме напред, да си го вратиме единството на кое спортот му се радуваше претходно и да продолжиме заедно”, изјави Чеферин.

- Оглас -

Најнови вести