УЕФА излезе со став во врска со можната преселба на финалето на Еуро 2020

Европската фудбалска асоцијација УЕФА, засега ги отфрли информациите дека е можен трансфер на финалето на ЕП од Лондон во Будимпешта, но имаат и План Б ако дојде до некоја голема промена на состојбата во меѓувреме.

„Во УЕФА, задоволни сме што Вембли ќе може да биде исполнет со 50 проценти од капацитетот за завршницата. Преговараме со локалните власти да дозволат присуство на навивачи, со приложување на негативни тестови и таканаречен концепт на балон, што значи дека странските фанови не би останале во Велика Британија повеќе од 24 часа, и би користеле превозни средства кои ќе треба да бидат одобрени. Го разбираме притисокот со кој се соочува владата, се надеваме дека ќе имаме задоволителен крај за ова прашање. Имаме резервен план, но убедени сме дека последните натпревари ќе се играат во Лондон“ – велат од УЕФА.

Утрово во своето британско издание, „Тајмс“ објави дека УЕФА размислува финалето да го пресели во Будимпешта, ако во Лондон не биде можно околу 2.500 официјални лица од УЕФА, ФИФА, спонзорите и ТВ екипите, да присуствуваат на натпреварите, без да одат во 10-дневен карантин.

Двете полуфиналиња и финалето треба да се играат на стадионот „Вембли“ во Лондон, а Унгарците веќе кажаа дека ако треба, подготвени се да бидат организатори на финалето кое би се играло пред 68.000 навивачи на преполниот „Пушкаш арена“ во Будимпешта. Публиката во Будимпешта може да оди на стадион само со доказ за вакцинација, или негативен ПЦР тест направен пред не повеќе од 72 часа пред почетокот на мечот. Странците не мора да одат во карантин ако во Унгарија се задржат помалку од 72 часа.

- Оглас -

Најнови вести