УЕФА ја претстави новата топка за Лигата на шампионите (Фото)

УЕФА ја претстави новата официјална топка со која ќе се играат нокаут-фазата и финалето од Лигата на шампионите. Дизајнот на топката е инспириран од градот-домаќин на финалето, Минхен.

„Минхен, како домаќин на финалето, послужи како инспирација за дизајнот на новата топка Аdidas Pro Ball Munich, која ќе се користи во елиминациската фаза на Лигата на шампионите“, соопшти УЕФА.

Топката има карактеристичен дизајн со бели ѕвезди и шестоаголници во светлозелена и бакарна боја, кои асоцираат на архитектурата и покривите што го обележуваат градот. Внатре во панелите се наоѓаат мали графики со симболи карактеристични за Баварија, како што се: Алпите, Палатинскиот лав, цветот еделвајс, Англиската градина и хмељот.

Новата топка содржи бројни технолошки иновации, користејќи рециклиран полиестер и мастило на база на вода. Биоматеријалите се застапени во најголем процент досега во историјата на официјалните топки за Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести