УЕФА молчи за контроверзниот пенал во Париз, но го казни судијата во ВАР-собата

Бурата по синоќешниот пенал по кој Килијан Мбапе во 97-мата минута го реализира и со спаси својот ПСЖ од пораз во дуелот со Њукалс во ЛШ не стивнува и денеска доби ново продолжение.

Европската фудбалска федерација молчи за контроверзниот пенал, но со денешната одлука покажа дека одлуката во најмала рака беше спорна, ако не и погрешна. Имено, УЕФА одлучи да не го делегира судијата во ВАР-собата од дуелот од „Паркот на принцовите“ за вечерашниот натпревар од ЛШ меѓу Реал Сосиедад и Салцбург.

Полскиот судија Томас Квјатковски не е на листата на судии во ВАР-собата за дуелот во Сосиедад и е заменет со судија од Германија.

ПСЖ во синоќешниот меч во 97-мата минута дојде до реми од 1:1 против Њукасл, и тоа со голот на Мбапе од контроверзниот пенал. Топката прво го погоди играчот на Њукасл во телото, а потоа се одби во раката, а главниот судија Симон Марчињак прво реши да продолжи играта, но по интервенција на судијата од ВАР-собата, ја прегледа ситуацијата и досуди пенал.

Комисијата на УЕФА, која е составена од познати тренери и поранешни фудбалери, а со која претседава Звонимир Бобан, уште во април годинава наведе дека не треба да биде суден пенал ако топката прво удри во телото на фудбалер, а потоа се одбие во раката.

Со ремито, ПСЖ остана во подобра позиција од Њукасл да го освои едно од првите две места на табелата и да обезбеди пласман во осминафиналето во пресрет на последното коло. ПСЖ е втор во групата со седум бода и во последното коло ќе му гостува на лидерот Борусија Дортмунд, додека Њукасл кој има пет бода ќе го пречека Милан.

- Оглас -

Најнови вести