Европската куќа на фудбалот (УЕФА) ќе отвори дисциплинска процедура против Бугарија поради навредливи скандирања на навивачите на дуелот против Косово. Дел од навивачите на стадионот „Васил Левски“ непристојно скандираа кон гостите, што било забележано и од делегатот на мечот, Олег Харламов од Украина.
Во меч со многу пресврти, Косово со 3:2 ја победи Бугарија. Голот за победа, гостите го постигнаа во 90+5 минута и стигнаа до три многу важни бода во квалификациите за пласман на Европското првенство 2020 година.
Доколку се случи Бугарија да биде казнета од УЕФА, можно е цел стадион или само еден дел од трибините да биде затворен за следниот дуел на репрезентацијата. Некогашниот светски првак Англија е следен ривал на Бугарија во квалификациите на меч во Софија.