Македонија убедливо со 5:0 го победи Лихтенштајн и остана прва во групата за пласман на СП 2026. Кога за противник има ривал како Лихтенштајн кој само се брани, најтешко е да се постигне првиот гол.
Македонија го сруши „бункерот“ на гостите уште во 15 минута кога Елиф Елмас направи соло мајсторија. Елмас тргна по левата страна, влезе во шеснаесетникот, помина 4-5 противнички играчи и на крајот даде прекрасен гол.
Голема беше радоста за овој погодок, но по мечот останува дека има една неправда. Европската куќа на фудбалот (УЕФА) реши дека погодокот не е на Елмас, туку дека е автогол на голманот на гостите Бучел.
Оваа одлука делува чудно, но од УЕФА во објаснувањето велат дека шутот на Елмас немало да оди во рамките на голот и дека тоа што топката удрила во голманот, го променила правецот и затоа завршила во голот. Тоа е проценката од УЕФА и затоа не е погодок на нашиот репрезентативец, туку автогол.
Со оваа одлука на УЕФА не сакал да се сложи ниту главниот судија Фесник од Романија. По мечот, главниот арбитар барал објаснување како УЕФА решила да го запише како автогол, а не како гол, посебно затоа што се работи за мало ремек-дело.
УЕФА веќе одлучи да го „украде“ голот на Елмас, но од Фудбалската федерација на Македонија може да вложат жалба и да бараат сепак Елмас да биде запишан во листата на стрелци, па останува да видиме дали во следниот период сепак ќе се брои ова како погодок на Елмас.