УЕФА на 7 април носи една многу важна одлука која ја засега и Македонија

Челниците на европската фудбалска федерација (УЕФА) на 7 април ќе имаат состанок на кој ќе треба да донесат конечна одлука околу тоа дали ќе биде дозволено присуство на навивачи на Европското првенство кое ќе се игра ова лето.

„Одговор за тоа дали ќе има гледачи на ЕП ќе има на 7 април“, откри Алексеј Сорокин, кој е член на Извршниот комитет на УЕФА и генерален директор на организациониот комитет на Русија.

Првично, решението требаше да биде донесено во март, но поради постојаните промени околу пандемијата со корона-вирусот, одлуката е одложена за еден месец. Континенталниот собир требаше да се игра минатата година, но беше одложен поради опасната болест која завладеа во целиот свет.

Како опција има четири варијанти. Најоптимистичката е да се дозволи присуство на публика со целосна исполнетост на стадионите. Постои опција да се пушти пополнување на капацитетот до 50 или 30 отсто, додека најлоша опција е воопшто да не се дозволи присуство на гледачи на мечевите од ЕВРО 2020.

Европското првенство ќе се игра од 11 јуни до 11 јули, а за првпат учесник ќе биде и Македонија. Нашата репрезентација е во групата Ц заедно со селекциите на Холандија, Австрија и Украина.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести