Европската фудбалска федерација, УЕФА, обелодени воведување на четвртфинални натпревари во Лигата на нации.
Вечерва Хрватска и Шпанија ќе се борат за титулата за сезоната 2022/2023, а на финалниот турнир овие две селекции стигнаа како првопласирани во своите групи од групната фаза.
Од септември 2024, се воведуваат четвртфинални дуели, мечевите ќе се играат во март, додека групната фаза ќе заврши во ноември, а фајнал-форот и тогаш ќе биде во јуни.
Во четвртфинале ќе играат двата најдобри тима од секоја од четирите групи во елитната Лига А, и ќе се игра во два меча. Третопласираните од секоја група ќе играат мечеви за опстанок со вторите од групите во Лига Б, а третите од Лига Б ќе разигруваат со вторите од Лига Ц.
Ова е важно и за нас, бидејќи Македонија и со второ место во Лига Ц би можела да напредува во Лига Б, за разлика од досега, кога само првото место носеше преселба во ранг погоре.