Извршниот одбор на УЕФА утре ќе одржи состанок на кој ќе разговара за менување на системот на квалификации за Светското првенство 2026 година, како и за воведување на два дополнителни натпревари во Лигата на нациите.
Весникот „Ас“ пишува дека главна тема на утрешниот состанок на Извршниот одбор на УЕФА ќе бидат квалификациите за СП 2026, на кое за првпат ќе играат 48 репрезентации, а Европа ќе има 16 претставници наместо досегашните 12.
Весникот пишува дека УЕФА ќе донесе одлука за мундијалските квалификации да се креираат 12 групи со по четири или пет репрезентации, по што само првопласираните би обезбедиле директен пласман на СП, додека за останатите четири места преку плејоф би се натпреварувале второпласираните селекции.
УЕФА планира да го намали и бројот на натпревари во квалификациите бидејќи истражувањата покажале дека опаѓа интересот за натпреварите во подоцнежната фаза од квалификациите, кога големите репрезентации вообичаено веќе го имаат обезбедено учеството на СП.
Втората голема промена треба да се случи со Лигата на нациите. УЕФА планира да додаде уште два натпревара за натпреварувањето кое има сè поголем интерес кај навивачите и јавноста.
Наместо првопласираните екипи директно да се квалификуваат за фајналфор, како што досега се играше во Лигата на нациите, плејоф би се играл по групната фаза. Победниците од плејофот ќе добијат право на настап на фајналфор-турнирот. Засега не е познат начинот како би се играл плејофот.
Исто така нема најави дека ќе се зголемува бројот на учесници на Европските првенства бидејќи сметаат дека со 32 репрезентации на континентален собир нема да се задржи квалитетот на натпреварувањето.
Извршниот одбор исто така ќе разговара и за односите со Русија, која засега се откажа од трансфер во Азиската конфедерација (АФЦ).