Европската куќа на фудбалот (УЕФА) најверојатно попушти под притисокот на најголемите клубови, па се очекува следниот месец, на состанок во Нион, да бидат донесени промените во Лигата на шампионите. Сè поверојатно е дека актуелниот формат на натпреварување ќе замине во историја, и тоа поради притисокот кој го прават најголемите европски екипи.
Најдобрите клубови во Европа веќе подолго време бараат да имаат загарантиран настап во Лигата на шампионите, инаку во спротивно најавија дека планираат да се одделат од УЕФА и да формираат своја приватна лига. Такво нешто се случи во кошарката, кога ФИБА доби силен удар. Најдобрите кошаркарски екипи се одделија и ја формираа Евролигата, која со години функционира одлично. За да не се случи нешто слично и во фудбалот, УЕФА ќе прифати да има покани за одредени екипи во ЛШ.
УЕФА веќе прифати од најсилните лиги да има загарантирано четири учесници, а сега поголемиот дел ќе се одредуваат со покани. Поканите ќе се даваат на клубови кои имаат квалитетни состави, но и долга историја во елитното европско друштво. Важно ќе биде и екипа да е од град во кој ќе може и туристички да се престојува и да се видат знаменитостите на градот, па навивачите ќе имаат и фудбалски и туристички доживувања.
Дуелите во Лигата на шампионите би се играле за време на викенд, па клубовите кои ќе бидат дел од елитното натпреварување на УЕФА своите мечеви од домашното првенство би ги играле во текот на работната недела. Според италијанските медиуми, Италија би добила три покани, и тоа за Јувентус, Интер и Милан. Тоа значи дека за четвртото место од Италија, во ЛШ би се бореле екипи како Рома, Наполи, Фиорентина…
Јасно е дека покани во Шпанија ќе добијат Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид, а ќе остане непознат само четвртиот учесник. Во Франција тоа би било ПСЖ, секако, и Баерн Минхен и Борусија Дортмунд во Германија. Во Англија се очекува поканите да бидат резервирани за Манчестер јунајтед, Ливерпул и еден клуб од Лондон (Челзи или Арсенал). Тоа би значело дека Манчестер сити, кој во последно време вложува најмногу, би останал без директен пласман во ЛШ.
Засега ова е само првичен план, за којшто ќе треба да се гласа следниот месец на состанокот на УЕФА.