Европската фудбалска федерација (УЕФА) денеска и официјално го потврди учеството на Барселона во Лигата на шампионите во новата сезона. Притоа, УЕФА соопшти дека истрагата за плаќањето на судиите може повторно да се отвори доколку се појават нови докази.
„На Барселона привремено ѝ е одобрено учество во клупските натпреварувања во организација на УЕФА за сезоната 2023/24. Барселона е должна проактивно да ги известува етичките и дисциплинските инспектори за истрагата која е во тек и да ги доставува сите документи и информации кои ќе се бараат од неа“, стои во соопштението на УЕФА.
Местото на Барселона во групната фаза од Лигата на шампионите можеше да биде загрозено од случајот Негреира.
Судските документи покажаа дека Барселона од 2001 до 2018 година ѝ платила 7,3 милиони евра на компанијата на Хозе Марија Негреира, поранешниот потпретседател на судиската комисија во Ла Лига.
Шпанското обвинителство ја обвини Барселона за корупција, лошо управување и фалсификување деловни документи.
УЕФА во март годинава започна сопствена истрага за овој случај, но немаше јасни докази за наместени натпревари или за судиите дека влијаеле на исходот на натпреварите. Барселона постојано ги негираше сите обвинувања велејќи дека плаќала за извештаи за делењето на правдата на судиите, но никогаш не се обидела да влијае на нивните одлуки на натпреварите.